Од компанијата „Best Way Investment“, реагираат на објавениот текст на Лидер, во кој пишуваме дека Мијалков и Филипче стојат зад скандал вреден 37 милиони евра. Велат дека текстот бил неточен и тенденциозен
Во продолжение соопштението во целост
Вашиот текст насловен „Мијалков се разоткри: тој и Филипче стојат зад скандалот вреден 37 милиони евра!?“ е целосно неточен, неаргументиран, несериозен и тенденциозен, реагираат од компанијата
Вистината е дека БВИ нема никаква допирна точка со јавната набавка која што ја споменувате. Доколку професионално се обратевте и прашавте, ќе ни беше задоволство да ви појасниме.
Во Вашиот текст повторно , крајно тенденциозно и неаргументирано тврдите дека нашата донација била помош за власта во моменти кога „опозицијата критикувала дека нема тестови за корона“.
Повторно, грешите.
Сакаме да Ви укажеме дека основното начело на брендот е “Создаваме трајни вредности”, а ние во овој момент сме убедени дека трајна вредност е солидарноста и хуманоста. Здравјето на нашите граѓани е приоритет на Best Way Investment и затоа одлучивме да набавиме и да донираме 5300 најмодерни тестови кои според здравствените експерти од САД се едно од најмоќните оружја во втората фаза од битката против корона вирусот, односно постепеното реотварање на економијата. Тестовите кои ги произведува компанијата Abbott се последниот збор на науката, а Македонија ќе биде привилегирана да биде една од првите земји кои ќе ги добијат.
Сакаме да нагласиме дека станува збор за донација за Македонија и граѓаните, а не за донација или помош на министер и политичар.
Се надеваме дека ќе престанете да објавувате непроверени и лажни вести бидејќи така нанесувате штета и на себе и на медиумскиот простор и на оној кој стои зад ваквите текстови. Согласно членот 13 за ублажување на штета и чл.14 за право на реагирање, демант, одговор и исправка, од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, бараме извинување за лагите и клеветите. Очекуваме да го објавите овој демант согласно пропишаните услови од наведениот закон.
Во спротивно ќе бидеме принудени правдата да ја побараме на суд каде што ќе биде процесуирана тужба за изречените клевети, велат од компанијата „Best Way Investment“.
Од компанијата реагираат на вчерашниот текст со наслов Мијалков се разоткри: Тој и Филипче стојат зад скандалот вреден 37 милиони евра!?