Македонија 08. март 2019. / 14:25

Мијалков: Со бегање не се решаваат проблемите

Мијалков: Со бегање не се решаваат проблемите

Обвинетиот Сашо Мијалков кого денес судот го осуди на затворска казна од три години, а за кого СЈО побара притвор, денеска пред судот по изрекувањето на пресудата рече дека неговиот стил на живеење не му дозволува ниту пак е таков за тој да бега.

Наводите на обвинителката Фатиме Фетаи дека тој со своето однесување и одредени околности наговестувал дека ќе се даде во бегство, Мијалков целосно ги отфрли и ги нарече шпекулации односно тврдења без никакви аргументи.

-Oбвинителката тврди дека во текот на постапките со моето однесување се појавиле околности кои наговестувале дека ќе бегам, ваквите тврдења се без аргументи и на ниво на шпекулации, бидејќи со ниту еден гест не сум покажал дека ќе се дадам во бегство.

Неколку пати сум кажал и пак ќе повторам дека со бегање не се решаваат проблемите. Мојот стил на живеење не е да бегам. По изречената пресуда ќе ви кажам дека ако Апелацискиот суд ја потврди казната јас ќе си ја издржам казната и тоа ќе го решиме со одење в затвор-рече пред судот обвинетиот Мијалков.

Обвинитерката Фатиме Фетаи побара притвор за Мијалков по изречената затворска казна од судот и рече дека постоењето на околности за определување на ваква мерка биле констатирани и од првостепениот и од Апелацискиот суд. Таа го пофали Мијалков за коректното однесување во текот на постапката, но додаде дека против него се водат и други постапки, за него сега има и пресуда и овие околности, според Фетаи, ја наметнуваат потребата од определување на мерка притвор, бидејќи, како што рече, постоела опасноста од бегство.

Во моментов трае пауза на судењето и судечкиот совет се повлече за да донесе одлука за предложените мерки од страна на СЈО.