Македонија 24. јули 2018. / 15:17

Михаел Рот: Договорот со Грција, клучен услов за ЕУ и НАТО

Михаел Рот: Договорот со Грција, клучен услов за ЕУ и НАТО

За германскиот министер за Европа, Михаел Рот, договорот со Грција е клучниот услов, без чие исполнување не гледа било каква шанса за влез на земјава во НАТО и Европската унија. На дебата за младинските перспективи за европска интеграција, Рот ги охрабри младите во земјава да застанат храбро барајќи ги своите права.

„Стабилност, мир, просперитет и демократија, тука на во западниот Балкан без конкретна и одржлива европска перспектива, се речиси невозможни. Затоа ние мораме да ги исполниме нашите ветувања, но и Македонија мора да ги исполни своите ветувања“, рече Михаел Рот – министер за Европа на Германија.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров смета дека земјава изгубила цела генерација заглавена во европската чекална. Сега, вели, време е да го фатиме можеби последниот воз.

„…Ќе бидат потребни години. Наша работа, а посебно моја работа како министер за надворешни, е до следниот јуни да направиме било која земја членка на Европската унија да се засрами ако не го поддржи почетокот на преговорите за Македонија и ќе го направиме тоа“, изјави Никола Димитров – министер за надворешни работи на РМ.

„Референдумот ќе се одржи набрзо, веројатно во септември или октомври. Навистина треба да ги убедиме младите дека промени се возможни, дека вратите ни се отворени и дека промените нема да се случат преку ноќ и оти нема да се случат ако младите седат дома“, рече Блажен Малески – Национален младински совет на Македонија.

Многумина млади, претежно претставници на невладиниот сектор, на дебатата порачаа дека членството во Европската унија нема одеднаш да ги реши сите нивни проблеми. Сепак, веруваат дека европската перспектива ги отвара и нивните можности за подобро образование и подобри и поплатени работни места.