Македонија 16. февруари 2019. / 14:27

Мицкоски: Ваквите мигови бараат сериозни одлуки од кој зависи иднината на нашата татковина

Мицкоски: Ваквите мигови бараат сериозни одлуки од кој зависи иднината на нашата татковина

Македонија се наоѓа на крстосница, а секогаш ваквите мигови бараат сериозни одлуки од кој зависи иднината на нашата татковина, зависи заедничката судбина на многумина чии животи денес поминуваат во неизвесност, во мачно трагање кон подобар живот, со секојдневна главоболка да се обезбеди сигурност и основна егзистенција за своето семејство.

Ова го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на конвенцијата во Струга каде се избира партиски кандидат за претседател на државата за претстојните избори што ќе се одржат на 21 април, годинава.

Секојдневието се претвора во борба со животот, решавање на напластени проблеми и неретко секој еден граѓанин го обзема чуството дека се бори со ветерници, дека иако го дава најдоброто од себе, иако прави се за да победи во животот, тој постојано губи, а доживува удари не затоа што е неуспешен или недоволно квалитетен, туку затоа што општествето е труло, затоа што вредносниот систем е разоран и се чини дека се е против него. Тој поединец не е несупешен човек, туку тој ја има судбината да живее во неуспешна и заробена држава, потенцираше Мицкоски и додаде:

И моето време денес нема да го потрошам на лекции за тоа што е пропуштено и како требало да биде, и зошто нешто не било, затоа што секој еден од вас длабоко во себе и секој еден час го живее ова црно време на колективно страдање, сиромаштија, притисок и прогон. На отсуство на принципи, закони и вредности, на незаштитеност. Знам дека ви е доста од лекции, безпоговрни правдања и потрага по алиби, на  секојдневни префрлања на вина, без превземање на одговорност, на констатации без решенија, на зборови без дела.