Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ во четиригодишниот мандат ќе реализира капитални инвестиции за развој на Македонија во вредност од не помалку од 2 милјарди евра, а за истиот тој период ќе бидат испорачани проекти, преку домашни и странски инвестиции, во вредност не помала од 4 милијарди евра, порача лидерот на партијата Христијан Мицкоски на големиот собир насловен „Обновата доаѓа“, кој се одржа во спортската сала „Јане Сандански“.
-Ви ветувам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ во четиригодишниот мандат ќе реализира проекти, капитални инвестиции за развој на нашата мила Македонија во вредност од не помалку од 2 милијарди евра. Тоа јас ви го ветувам. Реализирани проекти, не бројки на хартија. Реализирани, осмислени, испорачани проекти. За економија со брз раст, за сигурна иднина на нашите граѓани. Се обврзувам и ви ветувам дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во својот мандат ќе испорача проекти во вредностпреку странски инвестиции и домашни инвестиции во вредност не помала од 4 милијарди евра. Се обврзувам овде пред вас, рече Мицкоски.
Дополнително, пред присутните во салата „Јане Сандански“ порача дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи не помалку од една милијарда евра за заштита на животната средина.
-Да ни дишат најмилите чист воздух. Проекти во енергетската ефикасност и брза, експресна гасификација на Македонија. Не можам да ви ветам дека веднаш ќе почне да дува чист алпски воздух, тоа е невозможно, но можам да ви ветам најмалку 50% почист амбиентален воздух за македонските граѓани, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.