На денешниот антивладен протест лидерот на опозицијата, Мицкоски, упати порака да му се дозволи на нашиот народ да отпочне преговори со ЕУ, а народот, како што нагласи, ќе им врати со сето срце и знаење кое го има и ќе го изоди најбрзиот пат до полноправно членство во ЕУ.
– Немојте да дозволите некои политичари од земја членка наместо политики на иднина, да шират политики од средниот век, ревизионистички политики, хегемонски политики на големи држави и нации. Ајде да зборуваме за вештачка интелигенција, да зборуваме за почист воздух, да зборуваме и да му помогнеме на овој народ, да ѝ помогнеме на Македонија еден ден да седне со вас на маса во европското семејство во обединета Европа и да зборуваме за квалитет на образование, истакна Мицкоски.
Побара оставка од премиерот Зоран Заев и нагласи дека нема да престанат со протестите.
– Да не дозволиме Заев да ја менува историјата, туку тој да стане историја. Така ќе ја спасиме и нашта историја и нашето достоинство и само така ќе успееме да обезбедиме иднина. Оставката е неминовна. Сите филмови од овој човек се јасни и веќе видени, рече Мицкоски на протестот пред Владата.