Официјален Вашингтон, не само што дава целосна поддршка на процесот за решавање на спорот за името, туку е ангажиран преку тивка дипломатија во неговото решавање, потврди Вес Мичел, помошник државен секретар во Стејт Департментот задолжен за Македонија и регионот, при вчерашното обраќање на Херитиџ фондацијата, каде ја промовира стратегијата на претседателот Трамп за Европа.
,,Неодамна зазедовме заеднички став не само за Србија и за Косово, туку работиме и на Босна и Хецеговина, на прашањето за името помеѓу Македонија и Грција. Како што напоменав дел од нашиот тим во моментов работи на ова прашањето, а САД продолжува да игра тивка улога заедно со ЕУ, Германија и останатите, охрабрувајќи да се најде решение за името за да ја видиме Македонија како членка на НАТО. На сите овие области на дневна основа трошиме време и енергија, како и ресурси за проблемите на Западниот Балкан. Мислам дека за некои од овие проблеми, што се влечат многу одамна, не очекувам да ги видам целосно решени во скорешно време, но мислам дека правиме добар напредок.
За решавање на прашањето со Македонија може да добиеме процент, 60, 40%?
Апсолутно нема да одоговорам на тоа прашање”, изјави Мичел.
Освен за Западниот Балкан и кипарското прашање, Мичел зборуваше за руското влијание во сите овие земји, преку економско или политичко присуство на официјална Москва, што има негативни реперкусии на интересите на САД и ЕУ.
Од друга страна, рускиот амбасадор во Брисел Владимир Чизов, изјави дека Русија ги поддржува преговорите помеѓу Атина и Скопје во спорот за името. Тој изјави дека Москва би сакал да се изнајде решение, за да може Македонија да го продолжи патот на придружување кон Европската Унија.
Но, Чизов потврди дека тука завршува руската поддршка, односно Москва се противи кон експанзија на НАТО кон исток, а со тоа и на членството на земјава во Алијансата.