Ова е начинот на работа на оваа нетранспарентна и криминална влада. На исти начин работи и Собранието во доцните вечерни часови, рече коортинаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната прес-конференција.
Тој додаде дека иако не биле известени за продолжување на седницата по 18 часот согласно Деловникот, остануваат со активен филибастеринг да ги попречувааат во нивната намера, како што рече, да прошверцуваат закони надвор од очите на јавноста.
Што е толку криминално што на Владата и Заев им се брза вечерва на шверцерски начин да злоупотребат 33 милиони евра народни пари?, праша Мицевски.
Тој рече дека нема да се откажат и со сите сили и мерки да го спречеме носењето на ова законско решение.
„Власта сака на мала врата без доволно информации и консултации со јавноста да се изгласа закон со кој што ќе му се признае на Макпетрол сопственост од 50% во гасоводот во Република Македонија и истиот да му се плати по нереално висока цена од 33 милиони евра иако самата власт вели дека вредноста на влогот на Макпетрол е 18,8 милиони евра“, појасни Мицевски.
Тој праша – Зошто Владата на Макпетрол сака да му плати екстра 14,2 милиони евра? Зошто Државниот правобранител не сака да даде дозвола на премиерот Заев да го потпише договорот? Зошто се оди со закон во Собрание, нешто што никогаш претходно не се случило во историја на Република Македонија?
„Затоа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата прави се со долги говори да ја блокира работата со цел да не бидат злоупотребени 33 милиони евра народни пари. Остануваме во Собранието да ги разобличиме сите коруптивни планови на Владата и на оваа криминална власт“, рече Мицевски.