Македонија 26. ноември 2020. / 14:54

Мицевски: Што се е спремен Заев да продаде од македонската држава

Мицевски: Што се е спремен Заев да продаде од македонската држава

Вчера беше ден кога целата македонска јавност беше сведок на најсервилното интервју во изминативе триесет години од било кој политичар, изјави денеска Никола Мицевски, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, во однос на интервјуто кое премиерот Зоран Заев го даде за бугарски медиум.

„Денес не е ден кога треба да се зборува за други теми во Собранието на Република Македонија. Денеска е ден за протести и будење на Македонија“, порача Мицевски.

Како што рече тој, Зоран Заев во вчерашното интервју наместо македонските интереси ги застапувал бугарските интереси и додаде дека со полно право народот е бесен и се чувствува понижен.

„Денеска треба да се повикаат во Собранието Зоран Заев, Никола Димитров и Бујар Османи, ако треба и на затворена седница, да се поразговара за македонските црвени линии и да бидеме информирани како пратеници што е тоа што преговара и што се е спремен Зоран Заев да продаде од македонската држава“, нагласи координаторот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој во името на опозициската партија го повика македонскиот народ да се обедини на натпартискиот протест кој е најавен за денеска од 18:00 часот, а кој ќе започнне од СЦ Борис Трајковски, а ќе заврши пред Владата.

Заради пандемијата со Ковид-19, замоли на почитување на мерките и протоколите за заштита.