Пратениците од опозицијата го напуштија Собранието, откако претходно со гласање го поддржаа предлог-законот за градење со кој се предвидува ефикасна изградба на модуларни градби за вршење на здравствена дејност заради справување со последиците од коронавирусот.
Откако законот беше изгласан Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски процедурално рече дека на дневен ред има точки на кои може да се дискутира. Тој соопшти дека Предлог – законот за решавање на спорот помеѓу Владата и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка, и на собраниска комисија реагирале дека не му е тука местото.
– И денеска е недозволиво на закажана пленарна седница, на која присуствуваат пратениците во Собранието да немаме претставници од Владата, а предлагач на овој закон е Владата, а претставници се Зоран Заев и Фатмир Битиќи, рече Мицевски и побара одговорност од Владата за присуство во Собранието.
Тој побара согласно член 78, став 2, Собранието без претрес, со поддршка од најмалку десет пратеници да врши предлог на измени на редоследот на претресот на точките и побара Предлогот за избор на судија на Уставен суд, да се разгледа како прва точка на денешната седница. Џафери речде дека за тоа е дискутирано, дискусијата е завршена и додаде оти не се создадени услови за работа.
Мицевски процедурално, исто така повикувајќи се на законите, побара измена и на дневниот ред на 21. седница, односно разгледување на Предлог-законот за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, во прво читање, поднесен од повеќе пратеници од опозицијата. Неговиот предлог не беше прифатен.