Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ реагира и поради тоа што по скратена постапка ќе се носи законот за Агенција за разузнавање, кој, како што вели, е дел од безбедносните реформи за кои имаше консензус со опозицијата
Ниту една од суштинските забелешки на опозицијата не е внесена во новиот закон за спроведување на пописот следната година, реагира координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Во изјава за „360 степени“, тој најавува амандмани во текот на расправата во собраниската Комисија за европски прашања, ама посочува дека времето за амандманска расправа е ограничено на два дена, поради тоа што законот за попис се носи со европско знаменце, односно како дел од европските директиви.
„Недозволиво е закон што се носи наменски и еднаш на десет години, а се однесува на толку значајна и обемна статистичка операција, да се носи по скратена постапка: Наместо тоа, имаше доволно време досега да се спроведе широка јавна расправа за ова прашање. ВМРО-ДПМНЕ има сериозни забелешки на предложеното решение. Ќе поднесеме амандмани и ќе видиме што ќе произлезе од амандманската расправа, односно дали овој пат ќе бидат прифатени нашите сугестии за организацијата на пописот следната година“, изјави Мицевски.