Македонија 01. август 2018. / 21:33

Метју Палмер:Верувам дека македонските граѓани ќе донесат исправна одлука на 30 септември

Метју Палмер:Верувам дека македонските граѓани ќе донесат исправна одлука на 30 септември

Македонија веќе доби историска покана од страна на НАТО и јасен пат за пристапни преговори со ЕУ. Се надеваме дека македонските граѓани ќе ја искористат приликата на 30 септември да го дадат својот глас на референдумот кој има историско значење за земјата, изјави вршителот на должност заменик помошник државен секретар на САД Метју Палмер, по средбата попладнево во Владата со премиерот Зоран Заев.

– Во разговорите кои ги имав ја нагласив поддршката од САД за договорот од Преспа и иднината на Македонија како членка на НАТО и Европската унија. Македонија доби покана во НАТО, што е историско постигнување и има јасен пат напред за отворање на пристапни преговори со ЕУ, изјави Палмер.

Јасно е, продолжи тој, дека референдумот на 30-ти септември ќе биде важен датум.

– Референдумот ќе даде можност на македонската јавност да го искаже својот став за договорот. Се надеваме дека луѓето ќе излезат и гласаат, ќе го искажат својот став и ќе го направат тоа во слободна атмосфера без дезинформации и обесхрабрување. Ова е историски момент за Македонија. Договорот од Преспа, откако ќе биде ратификуван и спроведен, отвора врата кон европска иднина за Македонија и македонските граѓани, изјави Палмер.

На новинарско прашање тој упати порака и до опозицијата.

– И порачувам на опозицијата да размисли стартешки околку прашањето за референедумот. Да ја стават државата на прво место и размислат која е најдобрата и најсветла иднина за македонските граѓани, особено за младите. Сериозно да размислат што нуди договорот од Преспа, како европска иднина за Македонија и какви можности отвора, како и да размислат како може да ја поддржат оваа европска иднина и перспектива, рече Палмер.

Од Влaдата најавија по средбата соопштение за сите детали за кои е разговарано.

Инаку, Палмер денеска се сретна и со шефот на држвата Ѓорге Иванов, со претседсателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а вечерва треба да одржи средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Палмер ќе учествува и на прославата на Илинден утре во Крушево и ќе се сретне со официјални претставници на локалните власти надвор од Скопје.