Македонија 13. април 2020. / 15:45

Метаморфозис: Пред преземање на „Стоп корона” да се прочита Политиката за притватност

Метаморфозис: Пред преземање на „Стоп корона” да се прочита Политиката за притватност

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ предупреди дека пред преземањето на мобилната апликација „Стоп корона“ препорачливо е граѓаните да ја прочитаат Политиката за приватност и да се запознаат со тоа на кој начин нивните лични податоци ќе бидат заштитени, кои се нивните права како субјекти на личните податоци но и кои се обврските на оној кој ги обработува личните податоци собрани со користењето на мобилната апликација.

Според „Метаморфозис“, анализирајќи ја Политиката за приватност која е достапна на stop.koronavirus.gov.mk, она што може да се забележи е дека таа ги содржи најголем дел од информациите кои се потребни за информирање на граѓаните, а со тоа и почитување на принципот на транспарентност при обработката на личните податоци.

Препораката за подобрување на Политиката за приватност, појаснува Метаморфозис, е во насока на обезбедување на дополнителни информации кои се однесуваат на:

– Контакт информации од Министерството за здравство и/или Офицерот за заштита на личните податоци каде што секој граѓанин ќе може да се обрати за остварување на правото на пристап, исправка или бришење на личните податоци

– Дали и во кои случаи Министерството за здравство ќе ги сподели податоците собрани преку мобилната апликација со други институции кои се вклучени во процесот на справување со Ковид-19

– Информација за тоа дали Министерството за здравство има намера во некој момент да пренесе лични податоци во трета земја или меѓународна организација Согласно Законот за заштита на личните податоци, а следејќи го принципот на транспарентност при обработката на лични податоци, кога личните податоци се собираат од граѓаните, контролорот, во овој случај тоа е Министерството за здравство, во моментот на собирањето на личните податоци, ги обезбедува следните информации: идентитетот и контакт податоците на контролорот, контакт податоци за офицерот за заштита на личните податоци, целите на обработката за коишто личните податоци се наменети, легитимните интереси што ги спроведува контролорот или трето лице, корисниците или категориите на корисници на личните податоци, доколку ги има.

Во соопштението се дополнува и дека граѓаните треба да побараат информација и за тоа дали контролорот има намера да пренесе лични податоци во трета земја или меѓународна организација, временскиот период за кој ќе се чуваат личните податоци, постоењето на право да се бара од страна на контролорот пристап, исправка или бришење на личните податоци, постоењето на правото за повлекување на согласноста во секое време, правото на поднесување барање до Агенцијата за заштита на личните податоци,  како и информации за тоа дали контролорот има намера и понатаму да обработува лични податоци за цел различна од онаа за која се собрани личните податоци.

Дополнително, укажува „Метаморфозис“, политиката за приватност може да ги содржи и информациите и контактите од институциите надлежни за спроведување на законите од областа на заштитата на личните податоци.