Луѓето со вакви приходи најчесто отвораат мали бизниси кои понатаму отвораат нови работни места, ваквите луѓе се меѓу најголемите штедачи со што се зголемува кредитниот потенцијал на банките во државава. Со ваквиот потег, сосема е возможно, дел од овие лица да почнат ги примаат своите приходи во банки во странство, со што Македонија би наплатила помалку, а не повеќе данок, плус би се намалиле штедните влогови во нашите банки, а би се намалил и интензитетот на отворање на мали бизниси.
Се на се, овој потег е повеќе штетен одколку корисен. Според неофицијални извори, нацрт тесктот на предлог законот со кој ќе се зголемат давачките од Нова година е веќе готов. Делови од него вчера на социјалните мрежи објави НВО Фискална транспарентност. Според нив, персоналецот ќе се зголеми на 18% за приход над 1000 евра. Конкретно, прогресивен данок ќе плаќа лице кое заработува над 720.000 денари годишно или 60.000 денари месечно. 10% како досега ќе се плаќа на 720.000, а секој денар над таа сума ќе се даночи со 18%.
Се зголемува данокот и за капитална добивка, индустриска сопственост, игри на среќа. Досега се плаќаа 10%, сега ќе се плаќаат 15%. Но, даночењето овде е многу поголемо со оглед на тоа дека кај овие ставки досега имаше повеќе ослободувања.
Ќе се даночат и каматите на штедните влогови. Односно ако каматата од штедните влогови на годишно ниво надминува 15.000 денари, штедачот ќе плати данок на државата. Оваа давачака требаше да биде воведена во 2009, но Владата на ВМРО ДПМНЕ ја одложи за времето кога земјата ќе стане членка на ЕУ, сега Владата на СДСМ ја најавува за многу поскоро, најверојатно за од 2020 година.