Новата министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска рече дека мерката за ослободување од работа на родителите на деца до 10 години продолжува да важи и по најавеното отворање на градинките идната недела, на 9 септември.
Истакнавме дека приоритет, влезен критериум за сместување на деца во градинка ќе биде самохран родител и двајца вработени родители. Родителите кои ја користат мерката за чување деца од 0 до 10 години продолжуваат и понатаму да ја користат. Не ја укинуваме оваа мерка, рече Шахпаска.
Во градинките во земјава има 19 000 места за дечиња според протоколите, а според последните анализи на надлежните, засега се зафатени 14 555, што значи има околу 4 500 слободни места. Ако во некоја градинка нема место, како што посочи Шахпаска, Владата им препорачува на локалните самоуправи на ниво на општина да изнајдат решение, односно да може да се префрлат деца од една во друга градинка во општината.