Возилата поради кои судијката Добрила Кацарска му пресуди 9 години затвор на поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски, блиндираниот мерцедес и набавката на 300 возила за потребите на МВР, повторно во фокусот на јавноста.
Сервисирање од 30.000 евра на мерцедесот што не се користи и многу неодговорени прашања и недоречености во новата набавка на возила за потребите на МВР отвораат сомнежи за законското работење на Владата и на Министерството за внатрешни работи под Оливер Спасовски. Судот и обвинителството видоа криминал во работењето на Ѓоко Поповски, но не гледаат во работењето на оваа владејачка гарнитура.
Мерцедесот не се продаде, ќе се сервисира за 30.000 евра, амбулантни возила нема
Предизборното ветување на Заев дека „тенкот на Груевски“ ќе го продаде и со парите ќе купи амбулантни возила за болниците во Македонија, е една од многуте негови предизборни лаги.
-Ќе го вратиме тенкот, Мерцедесот на Груевски од 600.000 евра и со парите од неговата сегашна вредност ќе набавиме амбулантни возила за клиниките во Македонија. Нека биде ова симбол на новото време во кое ставаме крај на расипничкото трошење и воведуваме социјални политики, согласно потребите на граѓаните, ќе рече Заев на еден од партиските митинзи во предизборието.