Македонија 04. декември 2019. / 10:27

(Меѓу)Обвинителско-судски „отровни стрели“ во судница – Нежни насмевки и раговори вон неа

(Меѓу)Обвинителско-судски „отровни стрели“ во судница – Нежни насмевки и раговори вон неа

На моменти отворената, а на моменти прикриената „војна„ меѓу поранешните обвинители на Специјалното јавно обвинителство и на редовното, давно Јавно обвинителство на Република Македонија, од една страна, и обвинителствата и Судот, од друга, дојдоа до израз и на самиот почеток на судењето за аферата „Рекет“. Претставниците, пред се, на обвинителствата ја искористија можноста преку своите настапи да си испратат меѓусебни „отровни стрели“ во чија заднина се чувствуваше дури и вкус на дневна политика, личен анимозитет, па и обиди за претставување кој е повеќе или помалку за борба против криминалот и корупцијата.

Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, во својот брилјантно театрален настап со нескриена доза на иронија ја поистовети Јанева со „ангел“од познатиот филм, но и снимениот документарец за триото „фам фатал“ насловен исто „Чарлиевите ангели“. Според неа, „Чарлиевиот ангел“ од алчност ја „предал довербата на народот“ и „не се посрамоти само себе, туку и целата јавнообвинителска фела“.

„Ангелот“, пак, возврати дека СЈО на редовното Обвинителство му предало 171 предмет, кои се во разни фази, алудирајќи со тоа дека Рускоска и нејзиното обвинителство не си ја вршат работата против организираниот криминал и корупција, зашто досега не процесуирале ниту еден предмет. „Ангелот“ не заборави сегашната јавна обвинителка го инструирала целиот процес и обраќајќи им се на судиите изрази надеж дека „не се плашите од нејзините зборови за тресење од гаќи“.

Интересно беше во ходникот пред судницата пред почетокот на судскиот процес и за време на паузата, што беше дадена за да се провери здравствената состојба на Боки 13. И додека на почетокот, кога доаѓаа обвинетите, строго се почитуваа правилата и нивните полициски спроводници не дозволуваа никаква комуникација меѓу нив и нивните блиски, на паузата владееше сосема поинаква слика.

На пример, второобвинетата Катица Јанева имаше можност да си поразговара со синот и неговата придружничка (можеби и сестра или ќерка на „ангелот“), по што замина во тоалет. Боки 13, пак, во очекување на лекарскиот преглед, исто така, замина во тоалет. При излегувањето, како вистинска личност која држи до својот изглед, ја искористи можноста прво да си ја провери и среди фризурата пред огледалото, а потоа да му испрати дискретна насмевка на синот на „ангелот“ и директор за маркетинг во неговата 1ТВ.