Првата детска амбасада во светот Меѓаши години по ред вниманието го насочува кон проблемите што се појавуваат од малолетничките бракови и бракови под принуда.
„На денот 12 април, кој е светски ден за заштита на децата од улица уште еднаш потсетуваме на напорите на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, по однос на заштита на тие деца, затоа што оставени на улица се најбрзи потенцијални жртви на насилство, злоупотреба, искористување како работна сила и за малолетнички брачни заедници под присила“, велат од Меѓаши.
Оттаму инстакнуваат дека оваа појава на малолетнички бракови ја има насекаде на светот, меѓутоа побројни се во неразвиените земји бидејќи на Запад државата веднаш ги санкционира со високи казни.
„Според актуелниот закон во Република Македонија брак може да склучат лица со навршени 18 години, а по исклучок надлежен суд може да се дозволи и лице со наполнети 16 години да склучи брак ако утврди дека лицето достигнало телесна и душевна зрелост потребна за вршење на правата и должностите што настануваат во бракот, за што треба да се прибави мислење од здравствена установа и укажана стручна помош во Центарот за социјална работа. Според Кривичниот законик на РМ во членот 197 кој се однесува на Вонбрачен живот со малолетно лице, јасно стои дека полнолетно лице кое живее во вонбрачна заедница со малолетно лице кое навршило 14 години, а не навршило 16 години, ќе се казни со затвор од три месеци до три години. Со истата казна ќе се казни и родителот, посвоителот или старателот кој на малолетно лице кое навршило 14 години, а не навршило 16 години, ќе му допушти да живее во вонбрачна заедница со друго лице или ќе го наведе на тоа“, стои во соопштението.
Детската амбасада Меѓаши смета дека треба да има измени и дополнувања во законот во Република Македонија дека ниедно дете не треба да склучи брак односно да биде во брачна или вонбрачна зедница до наполнување на 18 годишна возраст, односно бараат зголемување на минималната граница на години која може да биде предвидена за склучување брак.
Велат дека и Комитетот за правата на детето при ООН во своите завршни забелешки упатени до Владата на Република Македонија искажал загриженост за праксата на рано и присилно стапување во брак на девојчињата од одредени заедници, вклучително и традиционалните бракови кои не се регистрираат кај надлежните власти, а за пријавените случаи на продажба на деца заради стапување во брак се забележува дека таквите пракси може да се влошат во време на економски тешкотии.
„Дојавувачите на ЅОЅ телефонот за деца и млади во Меѓаши најчесто се обраќаат доколку постои насилство во самата заедница, но за жал не се јавуваат да пријават малолетнички брак или да се информираат за начините на кои ваквите случувања и бракови можат да се санкционираат или пак да се спречат. Често се случува родителите кои се необразовани и се социјално загрозени да инсистираат нивното дете порано да се омажи, со цел да го спасат од сиромаштијата. Најчесто тоа е дел од културата која трансгенерациски се пренесува како модел на однесување“, се наведува во соопштението.
Од Меѓаши истакнуваат дека според истражување спроведено од УНИЦЕФ во 2011 година, во Македонија бројот на млади девојки на возраст од 15-19 години што стапиле во брак или живеат во заедница на национално ниво е 4%, кај Албанците е 6%, кај Македонците е 2%, додека во ромските населби тој изнесува 22%.
„Во изминативе години има промена по однос на ова прашање, што се должи на поголемата процентуална образованост на децата Роми, но сепак недоволно за да се каже дека Македонија е на добар пат да го реши овој проблем“, се вели во соопштението.
На проблемот од над 2.000 „фантоми“ во Македонија, со непознат стадиум на образование, Првата Детска Амбасада Меѓаши укажува постојано.
„Тука е и основата за масовноста на малолетничките бракови. Со завршувањето на задолжителното средно бразование младите не само што ќе го прекинат ланецот/синџирот на неписменост, сиромаштија и злоупотрба на трудот туку ќе им се даде сериозна можност со едукација барем да се намали бројката на малолетничките бракови. Очекуваме во следниот период да се најдат и законски, но и акциски решенија за оваа категорија на малолетници кои се принудени да влезат во брак да се преземат соодветни мерки и да се почитува правото на децата да пораснат“, истакнуваат од Првата Детска Амбасада.