Иако подрачните одделенија на Управата за водење на матичните книги работат непречено, корона вирусот е причина речиси воопшто да нема или да се откажуваат процедурите за склучување бракови, говори искуството на вработените во тетовското подрачно одделение. Граѓаните и посебно младите согласно препораките за намалување на ширењето на корона вирусот ја избегнуваат оваа животна определба и се решаваат процедурата да ја направат во иднина.
Во тетовското подрачно одделение велат дека вработените одат на работа и од тој аспект нема пречки за потпишување во матичната книга на венчаните. Единствена рестрикција има за присуство на луѓе при одвивање на церемонијата. Дозволено е да има само пет лица внатре за да има доволно оддалеченост и да бидат присутни само двајцата кои склопуваат брак, двајца сведоци и матичарот.
– Одделението работи без проблем. Согласно препораките и мерките на Владата, намален е капацитетот на вработените. Од друга страна, намален е интересот сега да се склучуваат браковите. Надвор од нашите службени простории воопшто нема склучување бракови бидејќи, нели, не работат угостителските објекти, а нема венчавки ни во верските објекти, во црквите, како што било практика досега. Има и откажувања на пријавите. Лично сметам дека бракот сега дојде време да се смета како луксуз поради атмосферата, така што сите сега ја одложуваат оваа работа – вели Нагип Назмиу, раководител на тетовското одделение на Управата за водење на матичните книги.
Отец Марјанчо Мадевски од тетовската епархија објаснува дека кај православните верници додека трае велигденскиот пост (од 2 март до 19 април) согласно правилата на Македонската православна црква не се прават венчавки. Сепак, има барања од младоженците за одложувања и во периодот што следува.
– Венчавки закажани пример за во мај се одложуваат. Младите се одлучуваат на тоа поради состојбата со корона вирусот, а воедно бидејќи не се знае дали ќе работат рестораните во тој период. Имаме примери кои презакажуваат од мај за неколку месеци понатаму, во август и септември – објаснува отец Марјанчо Мадевски.