Разговорите со соседна Бугарија ќе продолжат, тие се наши соседи и мораме преку европска достоинствена политика и дијалог да бараме решение за недоразбирањата, вели во интервју за МИА министерот за правда Бојан Маричиќ.
Разговорите ќе продолжат, додава тој, со оваа и која било друга идна бугарска влада.
Повторното одложување на почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија, како што посочува министерот, е голема грешка.
-Нашата земја направи сè што беше побарано како услов за почеток на преговорите. Многу пати и премиерот Заев кажа дека ние немаме алтернатива на членството во ЕУ, но и дека тоа не може да биде на сметка на нашиот македонски идентитет или македонски јазик, истакнува Маричиќ.
Според него, започнувањето на преговорите значи и динамизирање на реформите во сите области бидејќи поддршката од Европската Унија би била многу поинтензивна.
-Што значи, нема да има никаков застој на реформите – тие нив не ги правиме за Европската Унија, туку заради нашите граѓани. Воедно, реалноста е дека ние губиме многу со тоа што не го започнуваме тој интензивен процес на блиска соработка со Брисел и партнерите во ЕУ. Затоа е многу значајно да се најде решение кои ги штити нашите државни интереси и кое ни овозможува официјален почеток на преговорите, вели во интервјуто за МИА министерот за правда Бојан Маричиќ.