Македонија 26. април 2020. / 17:30

Маричиќ: Одлуката за преговорите е едногласна, а бугарскиот документ нема правен ефект

Маричиќ: Одлуката за преговорите е едногласна, а бугарскиот документ нема правен ефект

Советот за општи работи на ЕУ на 24 март едногласно, а тоа ја вклучува и Бугарија, безусловно одлучи да ги отвори преговорите со Северна Македонија. Ваквиот заклучок на 26 март едногласно беше потврден и од шефовите на влади и држави во Европскиот совет. Текстот на заклучокот на Советот во делот на Северна Македонија не содржи ниту еден услов и тоа е јавно достапен документ.

Ова во изјава за МИА го потенцира техничкиот преговарач на земјава со Европската Унија, Бојан Маричиќ во врска со тоа дали бугарскиот документ кој во медиумите стана актуелен деновиве е препрека за почеток на преговорите со ЕУ или можеби да претставува евентуална препрека во натамошниот процес на итегрирањето на земјава во Унијата.

Маричиќ нагласи дека изјавата на Бугарија е доставена отпосле по усвојувањето на заклучоците, таа е унилатерална и нема правен ефект врз одлуката за почеток на преговорите.

-Изјавата на Бугарија вложена отпосле во записникот од усвојувањето на заклучоците на Советот за општи работи претставува строго еднострана интерпретативна изјава, која не може да го исклучи или измени правниот ефект на одлуката за почеток на преговорите, ниту значењето и опфатот на заклучоците. Притоа, Бугарија во изјавата јасно се повикува на „свое разбирање“ на имплементацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и рефлектирајќи ја позицијата на нивниот парламент од октомври 2019 година, појаснува техничкиот преговарач со Унијата.