Македонија 30. декември 2020. / 14:18

Маричиќ, Јовески и Здравев ја презентираа методологијата за прочистување на правосудството

Маричиќ, Јовески и Здравев ја презентираа методологијата за прочистување на правосудството

Ако обвинителот поднесе оставка кога се испитува неговата работа, а тој постапил спротивно на законите тогаш тоа не значи дека целта на казнувањето не е постигната. Вака одговори јавниот обвинител, Љубомир Јовески на новинарско прашање на онлајн конференцијата за прочистување на судството и обвинителството, околу тоа што кога обвинителот ќе поднесе оставка и какви се натамошните текови за казнување.

Јовески вели дека до сега не е утврдена кривична одговорност за ниту еден обвинител, но ако се утврди дека има елементи на кривично дело, Обвинителството воопшто нема да има дилема за покренување на таква постапка.

-И во досегашното работење Обвинителството ја следи работата на обвинителствата , изострена е одговорноста на јавните обвинители и постои јасна процедура на постапувањето. Обвинителите поднесуваат оставки, но тоа не значи дека не е постигната целта на одговорност. Во врска со правата на странките, се разбира дека тоа зависи од конкретниот случај и со доделување на работа на предметот кај друг обвинител, а ако се работи за правосилен предмет се работи и повторување на постапката. Ако се утврдат елементи на кривично дело, Обвинителството може да поведе постапка против обвинителот. Сега ќе биде поинаку бидејќи ќе имаме поразработени и попрецизни основи за јавните обвинители, појасни Јовески.

Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев вели дека кај судиите е малку поинаку, односно е предвидено и продолжување на постапката, иако тој си поднел оставка.

– Ако самиот судија не го стори тоа, тоа го прави Судскиот совет. Ако си даде оставка или се пензионира, и тогаш утврдуваме дека сторил повреда која е предмет на самата постапка, продлжува постапката против него. Седниците на Судскиот совет се јавни и јавноста може да се исклучи само во одредени случаи. По правосилноста донесената одлука против судија се објавува во Службен весник со степен на анонимизација. Не се гордееме што сме разрешиле 9 судии, односно тие самите се разрешиле, а Судскиот совет само тоа го констатира, вели Здравев.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ на онлајн конференцијата се пофали дека со планот за прочистување и филтрација на судството и обвинителствата, за прв пат се поставува систем за следење на работата на главните кадри.

-Имаме процес и имам систем за кои се направени можност. Се отвора простор не само за топ 10, туку за топ 100 случаи кои имаат тежина и значење и ќе имаат можност да бидат ревидирани. Ќе има зголемена одговорност и резултати кои ќе дадат поголема доверба кај граѓаните”, вели Маричиќ кој додава дека никој, односно ниту Катица Јанева, ниту пратеници, ниту претседатели на судови нема да бидат исклучени од постапките за утврдување на одговорност.