Македонија 01. март 2021. / 07:45

Маричиќ и Симовски на увид на текот на попишувањето во кумановскиот затвор

Маричиќ и Симовски на увид на текот на попишувањето во кумановскиот затвор

Од денеска почнува попишувањето на одредени категории граѓани како иселениците, дипломатите, затворениците и бездомниците.

За оние кои се наоѓаат во странство попишувањето ќе трае од 1 до 15 март, а исто така од денеска ќе биде овозможено и самопопишувањето на македонските државјани кои престојуваат во странство поради работа или други лични причини подолго од 12 месеци. Самопопишувањето на оваа категорија ќе трае од 1 до 21 април.

Во Македонија пописот започнува со затворениците од кумановскиот затвор

Министерот за правда Бојан Маричиќ, заедно со директорите на Државниот завод за статистика Апостол Симовски и на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски ќе извршат увид во текот на попишувањето во Казнено-поправната установа К’шање.

Во кумановскиот затвор тројца попишувачи ќе треба да попишат околу двесте затвореници. Од Управата за извршување санкции велат дека сите затвори во земјава добиле упатства како ќе се врши пописот на затворениците, но и на оние што ја издржуваат мерката притвор.

– Пописот во затворите ќе се врши во зависност од тоа за каков затвор станува збор.Во поголемите затвори затворениците и притворениците ќе бидат одвоени во посебни простории. Во најголемиот затвор Идризово пописот ќе се врши во неколку простории, крило по крило, велат за тв24 од Управа за извршување санкции.

За разлика од затворениците и бездомниците, иселениците и дипломатите и нивните семејства ќе може да се попишуваат сами. Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија ќе се спроведе во периодот од 1. до 21. април 2021 година.