Првите резултати по реакциите на јавноста за скандалите со вработувањата на роднините на функционерите во државните институции, ќе бидат видливи денеска, најави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
– Ќе се повлечат луѓето, првите резултати ќе ги видите денеска, но да оставиме тоа да бидат конкретни чекори најавени од самите луѓе во овој процес. – рече Манчевски.
Тој најави дека многу бргу Владата ќе го презентира законот за високораководна служба, што, како што рече, ќе овозможи деполитизација на менаџерските позиции и ќе значи и гаранција за процесите за вработување и за изборот на луѓе.
Манчевски појасни дека изборот ќе го врши комисија со претставници и од институцијата, но и надвор од нив, и оти ќе се оди чекор понатаму од концептот со формирањето на Комисијата што ги избираше членовите на Антикорупциската комисија.
– Одиме дури и чекор понатаму. Не на пример како што беше изборот на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата каде што имаше четворица претставници од Собранието и тројца од надвор. Во оваа комисија ќе бидат подеднакво, ако не и во мнозинство, лицата кои се надвор од институциите. Тие ќе го прават рангирањето и ќе достават листа од најдобрите три или пет кандидати. – наведе Манчевски.
Како што најави, по завршување на претседателските избори треба да се воведе и ограничување на бројот на лица кои може да бидат вработени на определено време.
Веднаш по изјавата на Манчевски, пратеникот и портпарол на СДСМ Костадин Костадинов изјави дека неговата мајка денеска ќе даде отказ на работното место во Централниот регистар во Струмица.