Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски учествува во Канада на меѓународниот симпозиум „Најдобри практики за ефективен и демократски трансфер на извршната власт“.
Фокусот на настанот се предизвиците со коишто се соочуваат државите и потребната поддршка при ефективниот трансфер на извршната власт што следи по демократските избори.
Манчевски имал обраќање на панел сесијата посветена на основите на ефективната комуникација при транзиција на извршната власт и на панел сесијата „Создавање и одржување на коалиции во контекст на транзиционен период“.
Тој се осврнал на владиниот комуникациски сервис поставен по формирањето на новата Влада, што се заснова на постулатот на отворена влада-сервис на граѓаните и се темели на транспарентно, навремено и сеопфатно информирање на граѓаните за сите активности на Владата и министерствата. Комуникацискиот сервис, како што истакнал Манчевски, е креиран по примерот на сервисите воспоставени во Соединетите Американски Држави и Британската влада, кои се партнери на Македонија во овој процес.
Зборувајќи за принципот на транспарентност во работењето, Манчевски ги претставил алатките коишто и стојат на располагање на Владата, како што се редовните прес-конференции, објавувањето на дневниот ред од владините седници, алатката за трошоците на функционерите, укинувањето на владиното рекламирање, задолжително објавување на 21 документ на веб страните на институциите.
Меѓународниот симпозиум е поддржан од Националната фондација за демократија, Фондацијата Пјер Елиот Трудо и Националниот демократски институт.