Билатералната одбранбена соработка помеѓу Македонија и Австрија е на исклучително високо ниво, заклучија на денешната средба во Министерството за одбрана, заменик – министерот Беким Максути и директорот за одбранбена политика во австриското Министерство за одбрана, генерал – мајор Јохан Франк.
–Максути во контекст на членството во НАТО, истакна дека процесот на ратификација на пристапниот протокол тече со исклучително брзо темпо и изрази надеж дека и Европската Унија ќе донесе позитивна одлука за почеток на пристапни преговори со нашата земја, особено имајќи го предвид прогресот кој беше направен во изминатиот период – соопштија од Министерството.
Генералот Франк ја повторил австриската поддршка за почеток на пристапните преговори на нашата земја со Европската Унија, и изразил честитки за досегашните успеси, истакнувајќи дека со потпишувањето на Преспанскиот договор земјата покажала силно лидерство. Тој изразил надеж дека членките на Унијата ќе дојдат до консензус за отворање на пристапните преговори со Македонија.
Делегацијата предводена од генералот Франк престојува во нашата земја, во рамките на годишните билатерални консултации за одбранбена политика. Планот за билатерална соработка во областа на одбраната за 2019 година опфаќа вкупно 22 активности, со фокус на соработката на воените академии и специјалните сили.