Во чест на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј – 24 Мај, во базиликата Сан Клементе во Рим, делегации на Република Македонија и Република Бугарија, положија цвеќе на гробот на Свети Кирил.
Како што информираат од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, делегациите ги предводеле вршителите на работи во амбасадите на Република Македонија при Светиот Престол и Република Италија, Александар Спирковски и Магдалена Димова, како и нивните хомолози од бугарска страна, амбасадорите Богдан Паташев и Тодор Стојанов. Беа присутни и вработените во амбасадите, а на делегациите им посака добредојде отец Стивен Хачинсон, јереј во базиликата Сан Клементе.
Шефовите на делегациите одржале кратки пригодни говори, при што било истакнато одбележувањето на 1151-вата годишнина од смртта на Свети Кирил во Рим, неговиот историјат, значењето на светите браќа просветители за целокупната словенска писменост, но и за историјата и доближувањето на македонскиот и бугарскиот народ, како и основата што ја создаваат за градење на добрососедските односи и во иднина.
Од страна на македонската делегација на гробот на Свети Кирил е положен венец во име на претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, како покровител на годинешната манифестација – Денот на Свети Кирил во Рим, а сите присутни дале пригодна почест и на олтарот во базиликата, каде денес е положен фрагмент од моштите на Свети Кирил.
Поради актуелната состојба со пандемијата на Ковид-19, традиционалните манифестации поврзани со одбележувањето на Денот на Свети Кирил во Рим, се одложени за подоцна, во текот на годината, се вели во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.