Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје доби „УВ Гард“ – уред со УВ зраци за дезинфекција на површини и воздух од вируси и бактерии, со цел зајакнување на условите во оваа установа каде се сместени и се лекуваат пациентите кои се заразени и позитивни на корона вирус.
Уредот е донација од македонските иноватори Ивица Поцков и Никола Глигоров, кои го креираа овој уред.
Сакаме да им помогнеме на нашите здравствени работници. УВ Гардот е уред кој дезинфицира вируси и бактерии. Апаратот е мобилен, со функционалност да се движи на тркалца од една просторија во друга. Работи на струја и батерии, што претставува одлична можност за дезинфицирање на места каде што нема електрична инсталација. Се надеваме дека ќе помогнеме на Клиниката, затоа што лицата од првите борбени линии ја заслужуваат нашата најголема поддршка во справувањето со Ковид-19 – вели Ивица Поцков.
Апаратот дезинфицира и површини и воздух, 360 степени наоколу, а работи на принцип на зрачење кратка UV-C бранова должина од 254 нанометри.
– Ги убива микроорганизмите кои доаѓаат во контакт со светлината, им ги уништува нуклеинските киселини и ја нарушува нивната ДНК, оставајќи ги без можност да ја вршат својата функција;
– Просторијата што се дезинфицира мора да биде празна, но тоа не е проблем бидејќи уредот се контролира од далечина и го заштитува тој што го ракува;
– УВ зраците допираат до места кои се недостапни и стопроцентно ги елиминираат вирусите и бактериите и на нерамни површини;
– За просторија од 40 квадратни метри се доволни околу триесетина минути, а веднаш по дезинфекцијата се чувствува силен мирис на озон.
До крајот на неделата, уште еден ваков УВ уред ќе биде дониран на Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје.