Денеска почнува пописот на лицата кои се наоѓаат во странство.
Попишувањето во странство ќе трае од 1 до 15 март, а исто така од денеска е овозможено и само попишување на македонските државјани кои престојуваат во странство поради работа или други лични причини подолго од 12 месеци.
Ицо Најдовски Перин, историчар и долгогодишен активист за правата на Македонците низ светот во фејсбук објава напиша дека македонската дијаспора во Австралија до денес нема никаква информација за попис. Тој изразува сомнеж дека доколку се пратени некакви информации или помагала за пописот веројатно се во фиоките на конзулатот и амбасадата.
-Ги гледам вестите на македонските телевизии како “информираат” дека попишувањето во дијаспората започнувало утре. Не знам од каде се пласираат вакви дезинформации за јавноста? Имено, Македонската заедница од Австралија до денес нема никаква информација дека ќе се врши попис. Со оваа изјава сакам да ја информирам јавноста и институциите на Северна дека во Австралија не стигнале никакви информации или помагала за попис. Ако се пратени веројатно се во фиоките на конзулатот и амбасадата, пишува Најдовски.