Министрите за внатрешни работи на Македонија и на Србија, Оливер Спасовски и Небојша Стефановиќ, потпишаа билатерални договори меѓу двете влади за отворање заеднички граничен премин Лојане-Миратовец, за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе и против криумчарење мигранти.
Справувањето со организираниот криминал и облиците на тероризам, кои важат како предизвици во денешно време за најсериозен проблем со кое се соочува секое општество, како и хибридните закани, биле меѓу темите за кои разговарале на денешната средба министрите за внатрешни работи на двете држави.
Како што информираа Спасовкси и Стефановиќ на заедничката прес-конференција, граничниот премин Лојане – Миратовец, во почеток ќе функционира како премин за локален сообраќај, а по исполнување на условите и како заеднички граничен премин за меѓународен патен сообраќај.
Министерот Стефановиќ информира дека во борбата против организираниот криминал, во широка смисла, е договорена побрза и подобра координација на криминалистичките полиции, затоа што двете земји имаат одлична полициска соработка, но контактот меѓу криминалистичките полиции може да бидат уште подобри во однос на шверцот на наркотици и против организираните криминални групи кои постојат во регионот.
Во однос на хибридните закани кои добиваат во интензитет во овој период, како што нагласи министерот Спасовски, имајќи предвид лажни вести, пропаганда и се друго што се сервира пред граѓаните, мора да се бара решение како да се справуваме со овие прашања.
– Посебно би ги истакнал лажните вести, кои навистина можат да креираат состојби сценарија… кои придонесуваат немир кај граѓаните и тоа е нешто на што сме длабоко посветени, да создадеме механизми, да направиме законски промени ако е потребно, со цел да имаме можности од вакви хибридни закани – изјави Спасовски.
Министерот Спасовски информираше и дека во однос на мигрантскиот тек во оваа година има зголемување на обидите за премин на грчко-македонската граница.
– Имаме успешно спречени околу 21 илјада мигранти кои се обиделе да бидат на територијата на РС Македонија. Се појавува една состојба сега и на влез на државјани на Куба, кои влегуваат од Србија према земјава и сакаат да преминат на грчка граница, меѓутоа тоа е мал број мигранти. Најголем е процентот на јужната граница и токму заради тоа паралелно со таквите обиди се појавуваат и криумчарењето на мигранти – посочи Спасовски.
Тој додаде дека паралелно се работи и на откривање организирани криминални групи, кои работат на криумчарење на мигранти, а досега има 68 такви случаи на разбивање криминални групи во нашата држава. Спасовски посочи дека има околу 80 сторители и околу 1.300 криумчарени мигранти, фатени на територијата на Македонија.