Македонија стана полноправна членка на Јадранско-Јонската иницијатива, соопшти Министерството за надворешни работи.
„На покана на министерот за надворешни работи на Италија Анџелино Алфано, во улога на земја претседавач Јадранско-Јонската иницијатива, делегација од МНР предводена од Државниот секретар во МНР Виктор Димовски, денеска во Катања, Сицилија, учествуваше на Состанок на Советот на министрите за надворешни работи на Јадранската-Јонско иницијатива. На состанокот Македонија и формално стана полноправна членка на оваа иницијатива“, соопшти Министерството.
Државниот секретар во МНР имал свое обраќање, каде го изнел задоволството што по повеќегодишни напори Македонија станува членка на оваа форма на регионална соработка. Воедно, како што соопшти министерството, Димовски нагласил дека ова е уште еден голем чекор напред за земјата која по минатогодишните демократски промени силно зачекори по патот на европските и евро-атлантските интеграции.
„Со членството во Јадранско-Јонската иницијатива, Република Македонија ќе може заедно со останатите земји членки да го даде својот придонес во градењето солидни основи за процесот на европска интеграција, преку активниот придонес во приоритетните области во рамките на оваа иницијатива, како транспортот, туризмот, културата и животната средина“, додава Министерството за надворешни работи.
Јадранско-Јонската иницијатива е оформена во 2000 година со цел да го подобри развојот и зајакне безбедноста на земјите во регионот, да ја зајакне соработката помеѓу земјите членки и да им даде поттик во процесот на интеграција со ЕУ. Во неа членуваат Италија, Грција, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Албанија, а од денеска и Македонија.