Македонија 20. април 2018. / 18:07

Македонија се дигитализира: Манчевски најави креирање на електронски идентитет на граѓаните

Македонија се дигитализира: Манчевски најави креирање на електронски идентитет на граѓаните

Министерството за информатичко општество и администрација денеска организира јавна трибина за Законот за централен регистар на населението и Законот за електронското управување и електронските услуги.

На јавната трибина свое обраќање имаше министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој се осврна на придобивките за граѓаните од овие два нови закона.

-Само ден по Дигиталниот самит, започнуваме со реализација на планираните активности, кои ќе придонесат кон дигитализација на Македонија. Регистарот на населението е основа и за порталот за е-услуги, каде што граѓаните ќе може најголем дел од услугите што секојдневно им се потребни да може да ги добијат по електронски пат. Ова претставува платформа за креирање електронски идентитет на граѓаните и постојано ќе се надградува со податоци од други институции. Регистарот на населението има цел да ги донесе услугите до граѓаните на поедноставен начин да се добиваат сите потребни документи, што ќе придонесе до подобрување на квалитетот на животот“, истакна министерот Манчевски потенцирајќи дека регистарот на населението не е и нема да биде замена за попис на население.

Како што информира тој, регистарот на населението под определени услови ќе биде даден на користење и на комерцијалните институции, што ќе отвори и нови можности и зголемување на придобивките за граѓаните.

На трибината се обратија и странскиот правен експерт Георги Димитров и претставниците на граѓанскиот сектор како партнери на овој процес, Билјана Бејкова од НВО „Инфоцентар“ и Љупчо Петковски од „Евротинк“. Како што истакнаа тие, станува збор за процес што не завршува со еднократно донесување регистар на населението. Целта е да се надмине проблемот со шетање по шалтери, за сите граѓани, а особено за социјално ранливите категории. Според нив, регистарот на населението ќе го надмине и проблемот на постоење разни податоци во разни институции.