Македонија

Македонија прв пат ќе тестира дали има храна третирана со јонизирачко зрачење

Македонија прв пат ќе тестира дали има храна третирана со јонизирачко зрачење

Агенцијата за храна и ветеринарство, за прв пат, ќе врши испитувања дали на македонскиот пазар има храна третирана со јонизирачко зрачење, согласно Мониторинг програма за безбедност на храна.

Испитувањата ќе се вршат во Интегрираната лабораторија за примена на јонизирачки зрачења при Факултетот за електротехника и информациски технологии. Агенцијата ќе зема мостри од храната, а во лабораторија на ФЕИТ ќе се вршат испитувањата на храната што се увезува во Македонија.

„Почнувајќи од оваа година, согласно Мониторинг програмата за контрола и безбедност на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведе испитувања дали храната која се продава на македонскиот пазар е третирана со јонизирачко зрачење. Станува збор за употреба на една од поновите технологии со кои се продолжува рокот на траење на производите и се подобрува нивниот квалитет и безбедност, но, чија употреба, според законските прописи треба да биде означена на производот. Согласно Правилникот за посебните барања за безбедност на храната третирана со јонизирачко зрачење дозволено е да се врши третман на суви билки, зачини, суво овошје и зеленчуци, затоа што тој е усогласен со европската легислатива“, вели Зоран Атанасов, директор на Агенција за храна и ветеринарство на Република Македонија.

Според него, во Македонија, засега, нема одобрени објекти за третман на храната со јонизирачко зрачење.

„Објектите во кои храната може да се третира со јонизирачки зраци треба да бидат одобрени од Дирекцијата за радијациона сигурност и од Агенцијата за храна и ветеринарство. Се работи за прашање за заштита на правата на потрошувачите кои треба да знаат каква храна конзумираат. Никако не станува збор за штетна, за небезбедна, храна. Со увозот, веројатно, влегува таква храна. Сега ќе се вршат контроли дали увезената храна која е третирана со јонизирачки зраци е означена, но и дали навистина таквата храна е третирана со јонизирачки зраци “, дообјасни Атанасов.