Денеска во Загреб се одржа петтиот состанок на Постојаниот мешовит комитет за примена на Спогодбата за сукцесија на поранешна СФРЈ, на којашто учествуваше заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, кој е назначен за висок претставник на Македонија во овој Комитет.
Жерновски истакна дека постојат евидентни резултати по однос на примената на Анексот Б, кој се однесува на поделбата на дипломатско-конзуларните имоти на поранешна СФРЈ.
Македонија очекува добивка од околу четири милиони американски долари од продажбата на објектот на резиденцијата на СФРЈ во Њујорк, објектот на Амбасадата на СФРЈ во Бон, Берн и Мисијата на СФРЈ во Њујорк.
– Ме радува податокот дека пред една недела е постигнат договор во рамките на Комитетот за Анексот В, за поделба на депозитите во „Адриа Банка“ во Виена. Учеството на Србија во депозитите е намалено од 38 отсто на 20 отсто, на сметка на претходно еднострано користење на депозити од оваа Банка. Република Северна Македонија се очекува да добие околу 2 милиони американски долари од оваа распределба – изјави Жерновски.
Следниот состанок на Постојаниот мешовит комитет ќе се одржи во јуни наредната година во Македонија.