Во моментов во земјава се активни 4.079 случаи на заразени со Kовид-19. Од почетокот на епидемијата досега починаа 445, а се излекуваа 5.145 лица. Вкупно се регистрирани 9.669 заразени лица. Досега во земјата се направени вкупно 91.015 тестирања.
Се уште се во сила мерките за носење на заштита на пределот околу устата и носот, држењето на дистанца и негрупирањето. Сепак, како што посочуваат и надлежните, се помалку се почитуваат препораките, а бројот на заразени не се намалува. Во последниот период, откако се укинаа речиси сите рестрикции и се воведоа протоколи за функционирање, секојдневно се бележат по над сто случаи на новозаразени со Kовид-19.
Покрај групирањата забележани се и поголеми собири, како свадби, што е забрането во овој период. Граѓаните се со поделени мислења, едни сметаат дека потребно е повторно воведување на рестрикции, како полициски час, други пак дека со мерките не е постигнат потребниот ефект и оти е пресудна свеста на луѓето.
Во текот на предизборната кампања, а и по објавувањето на резултатите, политичките партии упатуваа критики едни кон други за непочитување на мерките за време на нивните настапи пред граѓаните. Во претходниот период беа регистрирани неколку заразени фукционери, а деновиве беше соопштено дека и министерот за образование и наука Арбер Адеми и министерот за образование економија Крешник Бектеши се позитивни на Kовид-19.
Најмногу новорегистрирани случаи се уште се бележат во Скопје, каде во моментов се активни 1.938, во Куманово 257, Дебар 114, Штип 349, Прилеп 51, Тетово 287, Струга 189, Велес 27, Битола 46, Охрид 104, Кавадарци 18, Гостивар 217, Гевгелија 8, Струмица се активни 21, Крива Паланка 8, Радовиш 22, Крушево 10, Кочани 20, Пробиштип 27, Демир Хисар 18, Македонски Брод 6, Берово 1, Виница активни 1, Кратово 7, Свети Николе 192, Кичево 85, Ресен 53 активни три случаи.