Македонија 26. јули 2020. / 18:00

Македонците што работат на Малта „заглавени“ без можност да си ги обноват документите

Македонците што работат на Малта „заглавени“ без можност да си ги обноват документите

Во писмо до „Слободен печат“ околу 200 македонски државјани што живеат и работат на Малта бараат од МНР да испрати писмо до Владата на Малта во кое ќе наведе дека се продолжува важноста на нивните истечени патни исправи до 31 декември 2020 година, за да можат дотогаш, ако се симнат корона-бариерите на ЕУ за наши државјани, да се врата во Македонија и да ги обноват пасошите

Како што велат, ним не им помагаат патни листови за надминување на проблемот и за регулирање на престојот и работната дозвола на Малта. На овие македонски државјани, од кои повеќето се со истечени македонски патни исправи или им се со важност до крајот на оваа година, за обнова на работните дозволи што ги издаваат малтешките власти, им се бара важечка патна исправа или пасош со важност од најмалку една година пред датумот на доставување на документацијата за обнова на работната дозвола.

Поради пандемијата на Ковид-19, голем дел од нив не биле во можност да се вратат во Македонија и да ги обноват пасошите, иако имале закажано термини за тоа. Со оглед на тоа дека македонски државјани не можат да патуваат во ЕУ поради високиот број заразени во земјава, тие бараат да им се издаат посебни, персонализирани или генерални потврди од надлежните македонски институции кои би биле доставени до органите во Малта.

Тие уште во април се обратиле за помош на надлежни инстутиции во земјава – до претседателот на државата, до Владата и до министерствата за надворешни и внатрешни работи.

Имаме разбирање дека имаше избори, но од април до денес никој не нė удостои со одговор, насока или предлог-решение на нашиот проблем – пишува во дописот на овие граѓани.

„Заглавените“ Македонци во Малта се незадоволни од ангажманот на властите, и бараат до Владата на Малта да се испрати писмо во кое ќе наведе дека се продолжува важноста на патните исправи до 31 декември 2020 година за сите македонски граѓани на кои пасошите им истекуваат во текот на 2020 година.

Никој од нас нема можност да земе неплатен 21 ден (поради задолжителните карантини од 14 дена – н.з.) од работа за да појде преку Бугарија, Загреб или Белград до Скопје за да извади пасош, и да се врати назад на Малта, со ризик да не се врати на Малта поради лошата состојба со короната во Македонија. Голем дел од нас немаат ниту одмори, кои беа искористени за време на карантинот на Малта, ниту доволно пари да си овозможат 20 и повеќе денови без дневници – пишува во писмото, потпишано од Маја Андреевска.

Тие од МНР бараат вонредно решение, зашто и условите се вонредни, а не редовна процедура со патни листови.

Доставете писмо за продолжување на важноста на нашите истечени пасоши до 31 декември и да се надеваме дека состојбата во Македонија со короната ќе се промени на подобро и дека до крајот на оваа година ќе можеме да допатуваме и да ги извадиме новите патни исправи, под услов овојпат да има пластики затоа што во февруари и март немаше – пишуваат нашинците од Малта.

Тие дополнуваат дека српскиот конзул во Италија ќе дојде на Малта и на државјаните на Србија на кои им се истечени документите, ќе им издаде валидни пасоши.