Мајката на осмоодделенецот Дамјан Давков, на кој не му беше доделена награда за освоено прво место по математика од страна на Министерството за образование и наука со образложение дека се натпреварувал во ранг на средношколци, најави дека ќе го продолжи случајот на суд.
Никица Давкова, мајка на „штипскиот Питагора“, објави на својот Фејсбук профил дека ќе ја искористат правната поука и по добиеното решение од МОН ќе поднесат тужба до Управниот суд. Таа им се заблагодарува на сите кои се понудиле да му ја исплатат наградата на Дамјан.
„Голема благодарност до сите поединци од Македонија што живеат овде, но и во странство, стопанственици, компании, болници, банки, бизнис сектор, музичари и други кои се понудија да ја исплатат наградата и повеќе од тоа. Принципиелно ги одбивме вашите понуди од причина што не станува збор за материјална корист, туку за подигнување на свеста за третманот на талентираните деца во Македонија. Се надеваме дека ова ќе придонесе за донесување законски решенија за поддршка и помош на потребите на овие деца. Благодарност до сите што дадоа поддршка. Што се однесува за добиеното решение од МОН, си има правна поука која ќе ја искористиме и ќе продолжиме понатаму“, стои во објавата напишана од страна на мајката.
Голема благодарност до СИТЕ поединци од Македонија што живеат овде, но и во странство, стопанственици, компании,…
Posted by Nikica Davkova on Monday, February 8, 2021