Македонија 27. октомври 2020. / 18:54

Лукаревска се враќа на функцијата в.д. директор на УЈП

Лукаревска се враќа на функцијата в.д. директор на УЈП

Довчерашната пратеничка Сања Лукаревска се враќа на функцијата в.д директор на Управата за јавни приходи (УЈП), откако Владата на денешната седница го разреши Фарук Омери, а неа и беше одземен пратеничкиот мандат.

Имено таа ја извршуваше истата функција во минатиот мандат на СДСМ, но по верификувањето на мандатот за пратеник во август, Лукаревска ја напушти функцијата директор на Управата за јавни приходи, а на нејзино место за в.д. директор беше поставен Омери.

На денешната седница, на предлог на Комисија за именување, Владата донесе одлука и Бајрам Реџепи да го избере за член на Одборот на директори на Акционерско друштво за вршење на енергетски дејности Национални енергетски ресурси Скопје во државна сопственост.

Исто така, Владата денеска му предложи на Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој да ја именува Моника Јованова за претседател на Управниот одбор на Фондот.

На оваа седница Владата го именуваше Фатмир Арифи за в.д. директор на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.