Македонија 23. јули 2018. / 12:09

Лошата инфраструктура ја уништува стратешката позиција на Македонија

Лошата инфраструктура ја уништува стратешката позиција на Македонија

Република Македонија има стратегиска позиција на Балканот, бидејќи е природен крстопат низ кој поминуваат европските коридори 8 и 10, што ѝ овозможуваат важна улога во јакнењето на економскиот пораст на регионот. Ваквата позиција ја прави нашата земја клучен транзитен центар, од една страна преку Коридорот 10 таа е порта за влез во Европа, а од друга страна преку Коридорот 8 таа е клучна точка при поврзување на Црно Море и Јадранско Море.

Но поради неразвиеноста на инфраструктурната мрежа не ја искористуваме предноста што ни е дадена.

Трговската размена со соседните Албанија и Бугарија се одвива само преку патна инфраструктура, бидејќи немаме директна железничка поврзаност. Уште поголем проблем за економијата и за граѓаните е што ниту патната инфраструктура не е на задоволително ниво, кое ќе овозможи побрз проток на стока и патници во двата правца.

– Не навлегувајќи во висината на потребните инвестициски средства за комплетирање на Коридорот 8 на одделните делници на територијата на Република Македонија, може слободно да се констатира дека тој би имал огромно економско значење за македонското стопанство – велат од Стопанската комора на Македонија.
Доколку има можности за користење повеќе сообраќајни коридори кон странство, а пред сѐ преку Коридорот 8, македонските компании ќе ги избегнат последиците од честите блокади на железничките и патните правци во одредени кризни ситуации во Грција. Во таквите моменти компаниите мораат да ја преупатат стоката преку подалечни патишта, или пак да користат камионски превоз, со што поскапува и испораката.

– Оваа состојба е особено неповолна за металуршкиот сектор, кој поради природата на производите не може да најде замена за железничкиот превоз. Доколку се комплетира железничкиот дел од Коридорот 8, последиците од типот блокади, застои и претовар ќе бидат избегнати со минимални трошоци – истакнуваат од Комората.
Од СКМ истакнуваат дека, гледајќи го поширокиот аспект на проблемот, ненавременото завршување на започнатите развојни процеси на Коридорот 8 создава простор за конкурентна закана со користење други транспортни коридори што ја заобиколуваат Македонија, како што е Коридорот 4, кој поминува низ Бугарија и Романија и кој овозможува поврзување на Централна и Западна Европа со Блискиот Исток и Централна Азија. Реалната закана што доаѓа од овој коридор е и поради подобрата позиција на овие земји, кои се членки на ЕУ. Ваквиот развој неповолно би ја изменил геостратегиската позиција на Република Македонија, се вели во анализата објавена во „Нова Македонија“.