Македонија 01. февруари 2020. / 15:40

Љутков: Со Предлог-законот за култура СДСМ ги брише националниот и државниот интерес во културата

Љутков: Со Предлог-законот за култура СДСМ ги брише националниот и државниот интерес во културата

Предлог-законот  за јавен интерес во културата којшто од следната работна недела треба да се најде пред пратениците, воопшто не ги исполнува методолошките и номотехничките стандарди за изработка на прописи од ваков тип, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција и додаваат дека правните празнини и недоречености во него отвораат можност за мноштво проблеми во спроведувањето на законот.

Предлог-текстот е изработен и протнат до Собранието на „мала врата“ и без соодветна стручна и јавна дебата, за да се да се изврши со него целосно преформулирање на националниот и на државниот интерес во јавен интерес, рече Зоран Љутков и додаде дека целосното бришење и ништење на националниот и државниот интерес во културата е без преседан во законодавствата на европските и современите демократии.

Љутков додаде дека со ваков закон власта се обидува да ја „ослободи“ државата од бројни важни и репрезентативни национални установи, препуштајќи ги на локалните самоуправи – без неопходна и издржана анализа, без соодветна стратегија и методологија, без диференција на установите и нивната државна, регионална и локална важност.

– Ова остава впечаток дека изготвувачот на законот има само една и единствена цел, под плаштот на децентрализација во културата да го симне товарот на финансирање и поддршката на бројни успешни и репрезентативни национални установи и тоа да го препушти на општините, посочи Љутков

Истовремено, вели тој, предлог-законот ги укинува и националните пензии на врвни репрезентативи на македонската култура, со дрско образложение дека тие „не придонесуваат за развој на културата“, сметајќи ги за ставка „трошок“ во државниот буџет.

– Законот според власта треба да предвиди зголемен, но недефиниран обем на дискрециони права на министерот за култура, за што инсистираме на повлекување на текстот и отворање на широка дебата за законското дефинирање на правата на министерот за култура, со што би се спречиле идни односи во културата градени на волунтаристички, арбитрарни и клиентелистички основи, рече Љутков.

Тој предочи неколку факти, кои ги нарече загрижувачки, од обидот на власта за длабоко навлегување во културната сфера.

– Целосното бришење на предзнакот „национален“ интерес, којшто би се заменил со „јавен“, со што се брише македонскиот карактер на културата, а таа станува култура на недоволно дефинирана заедница.

– Новиот Предлог-закон не нуди нови елементи за развој на културата, и во себе не содржи јасни утврдени мерила и критериуми кои би овозможиле квалитативна селекција и поддршка на проектите од областа на културата и рамноправен третман, посочи Љутков.

Овој Закон, додаде тој, овозможува некои субјекти под превезот „јавен интерес“ да добијат повластувања за реализација на нивните проекти, исто колку и националните институции и стожерите на македонска култура.

На ова Љутков го надоврза и укинување на титулата национален уметник, а рече дека се укинува и поттикот за уникатно творештво, исклучителноста на делото, високи вредности во уметноста. Се укинува било каков критериум во културата, за сметка на останатите кои сакаат да бидат уметници, што значи деградирање и релативизација на успешноста и достигнувањата на македонската културата.