По прес-конференција на Македонската асоцијација за рударство која апелираше да не се носат измените на Законот за минерални суровини по скратена постапка туку да се организира јавна дебата, пратеничката од ДОМ, Лиле Поповска, вели дека од МАР изнеле многу дезинформации и невистини. Според неа, измените на Законот не се лоши ниту штетни.
„Ние бараме финансиска гаранција за евентуални еколошки штети, продолжување на дебатата за јавнота да биде подобро информирана. Иако претседателот на МАР, Николајчо Николов, тврди дека законот се носи набрзина, тоа не е точно бидејќи осум месеци траеше расправата а имаше и сугестии. Од предлозите беше констатирано дека со измените не треба да бидат вклучени сегашните рудници. Иако од МАР велат дека нема загадување, има бројни студии кои покажуваат колку штетно делуваат рудниците. Македонија е премногу мала за отворање на рудници“, рече Поповска.
Претходно Николов рече дека тенденциозно се туркаат измените на Законот и пелираше пратениците добро да размислат дали треба да се поддржат измените. На ова Поповска го праша зошто МАР имаат потреба да изнесуваат невистини и манипулации односно праша дали Николов е заинтересиран за некоја 80-те концесии за отворање рудници.