Лифтот кој минатата недела почна да се гради на влезот во Градскиот трговски центар (ГТЦ) е дивоградба и веднаш треба да се урне, вели архитектката Даница Давловска-Циги, која е дел од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“.
Како активистка, која во минатото беше вклучена во борбата против планот на тогашната власт, ГТЦ да добие нов, барокен изглед, Павловска вели дека е разочарана од она што сега го гледа, не е извлечена поука од случувањата во доскорашното минато, а раководството на АД „Градски трговски центар Скопје“ не е свесно за вредноста на овој објект.
-Лифтот кој патем не е за инвалиди како што тврдат, претставува инсталација и не смее да се гради без одобрение за градба. Тоа што градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека за ваков објект не треба одобрение за градба е или негово незнаење и непознавање на проблематиката или лошо го советувале. Да биде бељата поголема, за изградба на железната конструкција на лифтот срушена е бетонската ограда од објектот. Во моментов сите работи на оваа бесправна градба се запрени и се надевам нема да бидат продолжени со оглед дека претставуваат сквернавење на објект со атрибути на културно наследство и симболика на граѓанската борба за Скопје, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и добитничка на наградата „13 Ноември“, Даница Павловска-Циги.
Таа преку граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ ги повикува надлежните институции, Општина Центар и Град Скопје да издадат решение за уривање на лифтот дивоградба и во консултација со реставратори објектот да биде доведен во претходната состојба .