Македонија 26. ноември 2020. / 16:07

Левица го поддржува вечерашниот протест на опозицијата

Левица го поддржува вечерашниот протест на опозицијата

Политичката партија Левица соопшти дека го поддржува народниот револт и ги повикува граѓаните на протестот што е најавен за вечерва од страна на опозицијата.

– Националното предавство на СДСМ е логична последица на претходно покрадениот народен имот од страна на крупните сопственици како финансиери на оваа партија. Кооперативноста со фашистичките сили е само нивно прибежиште пред налетот на работниците во одбрана на својата татковина, велат од Левица.

Тие додаваат дека изјавите на премиерот Зоран Заев се погрешни, ревизионистички па дури и фашистички, како рехабилитација на оваа империјалистичка идеологија.

– Досега ниту еден политичар во 30 – годишната историја на независна Македонија, не “успеал” на овој начин, како Заев, да ги собере сите можни црнила на македонската политика во себе. Ваквата циркус-политика достигна ново дно. Започнувајќи со распродавање на националните економски капацитети, на македонската политичка елита, сега при нивното слугување на странските империјалистички сили, единствено ѝ останува да ги распродаде националните обележја, па дури и да тргува со историските факти поврзани со оваа нација, велат од оваа политичка партија.