Македонија 02. април 2020. / 18:54

Лекар од Психијатриската болница во Демир Хисар позитивен на корона вирус

Лекар од Психијатриската болница во Демир Хисар позитивен на корона вирус

Доктор од Психијатриската болница во Демир Хисар е позитивен на корона вирус. Тој е асимтоматски, меѓутоа имал позитивна семејна епидемиолошка анамнеза, направен е тестот и тој е позитивен. Направени се епидемиолошки анкети бидејќи бил во контакт со колегите од болницата и преземени се мерки.

Една од нив е и одлуката да се затвори и Центарот за ментално здравје во Прилеп што го управува Психијатриската болница во Демир Хисар

Заедно со психијатрите од Клиниката во Скопје ја организиравме работата во болницата во Демир Хисар со колегите психијатри од другите институции во Битола и Прилеп. До завршување на самоизолацијата, тие ќе бидат прераспределени во оваа болница. По потреба ќе бидат вклучени и психијатрите од Охрид, Кичево, Гостивар и Тетово. Сите пациенти на кои ќе им биде индициран хоспитален третман, ќе бидат упатени во другите центри – во Битола, Охрид или во Прилеп. Доколку има индикација за итност, Клиниката во кое било време во Скопје ќе ги прима тие пациенти – изјави министерот за здравје, Венко Филипче.

Во изминатите 24 часа се направени 342 тестирања и регистрирани се 30 нови случаи со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти изнесува 384 лица. Според местото на живеење досега случаи се регистрирани во Скопје, Куманово, Дебар, Штип, Прилеп, Тетово, Струга, Велес, Битола, Охрид, Кавадарци, Гостивар, Гевгелија, Струмица, Крива Паланка и Кочани.

На Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се 64 пациенти. Во изминатите 24 часа примени се шест нови пациенти. Осум се со потешка клиничка слика, а неколку пациенти се во сосема добра состојба и тие ќе се тестираат во следните неколку денови со цел да се анализираат состојбите и доколку се негативни во два наврата ќе бидат испишани. Истото веќе почна за 11 од вкупно 28 пациенти кои се наоѓаат на домашно лекување во Дебар.