Францускиот шеф на дипломатијата, Жан-Ив Ле Дриан му порачал на македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, дека е од исклучителна важност да се донесе нов закон за јавно обвинителство за да се испрати позитивен сигнал до земјите членки на ЕУ пред усвојување на новата методологија за проширување.
На средбата, остварена во рамки на посетата на Димитров на Берлин, двајцата министри размениле мислења околу изгледите за скоро постигнување консензус меѓу земјите членки на ЕУ за новата методологија и за усвојување одлука за почеток на преговори со Македонија – соопштија од прес-службата на Министерството за надворешни работи..
Димитров ја заокружи работната посета на Берлин со учество на работен ручек на покана на германскиот МНР, Хајко Мас, како и со средба со францускиот МНР Жан-Ив Ле Дриан.
Во дискусијата за време на ручекот, како што соопшти МНР, учесниците се осврнале на широк спектар на теми од стратешко значење за Регионот и самата ЕУ, меѓу кои и регионалната и економска соработка, демографски и миграциски текови, влијанието на трети страни при справување со споделени безбедносни предизвици.
Димитров во своето излагање посебно се осврнал на заедничкото претседавање на Македонија и Бугарија со Берлинскиот Процес, што претставува особено признание за исчекорите на земјата на планот на регионална соработка и унапредување на добрососедските односи, но и знак за нејзината зрелост и капацитет да продолжи со преземените обврски.
Шефот на дипломатијата исто така се сретнал и со Сузане Шуц, ополномоштеник за ЈИЕ во германското МНР.