Сите државни лаборатории располагаат со доволен број тестови за Ковид-19, а значително се зголемени и капацитетите на државните лаборатории кои вршат тестирање за Sars Cov-2, Ковид-19, информира Министерството за здравство (МЗ).
–Во вчерашната статистика, од вкупно направени 3294 тестирања, во државните лаборатории беа направени скоро 1800 теста, од кои само 1310 во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, каде деновиве речиси двојно е зголемен капацитетот, велат од МЗ.
Потсетуваат дека од почетокот на минатата недела во Институтот за јавно здравје функционира уште едно приемно одделение со лаборант и администратор.
–Со ова значително се забрза процедурата за земање брисеви за Ковид-19 и се зголеми бројот на тестирања на дневна основа во оваа установа, но и во ЦЈЗ Скопје, посочуваат од Министерството.
Есенскиот бран, додаваат, ги полни лабораториите, но и болничките капацитети заради што апелираат на одговорност од страна на граѓаните и почитување на мерките за заштита.