Македонија

Курто се налути: Заев, не те гласавме за да го земеш Амди

Курто се налути: Заев, не те гласавме за да го земеш Амди

Расте незадоволството по одлуката на премиерот Зоран Заев за вклучувањето на пратеникот Амди Бајрам во коалиционото семејство. Градоначалникот на најголемата ромска општина, Курто Дудуш од редовите на СДСМ незадоволен што неговиот политички ривал влегува во секоја власт, наоѓајќи си место и во сегашната. Вели на овој начин продолжува исмевањето на ромската заедница, пренесе ТВ24.

„Почитуван премиере Заев сакам да ви ја пренесам пораката од граѓаните на Шутка: Не не гласаа граѓаните за да го воскреснете Амди Бајрам од мртвите и за да го вратите монструмот на местото на злосторот. Се надевам дека гласот на народот ќе биде клучен за преиспитување на вашата одлука“, вели Курто Дудуш – градоначалник на општина Шуто Оризари.

Пратеникот Амди Бајрам возврати – не знам зошто се крева толкава прашина кога јас 20 години коалицирам со секоја власт, за доброто на ромите.

„Од сега, кој сака нека биде јас кога се определувам верен сум. Верен со СДСМ бев 11 години, до 1998 година. Јас сум човек кој кога дава збор останува на тоа. 11 години му бев верен на Груевски на ВМРО-ДПМНЕ. Со неговото заминување јас морам да ја гледам страната на ромите“, вели Амди Бајрам – претседател на Сојузот на Ромите на Македонија

Амди Бајрам, за откажуването на долгогодишната љубов со ВМРО – ДПМНЕ вината ја лоцира во новото раководство за кое вели дека треба уште многу да учи што е политика.

„Мицкоски си е за себе, тој треба уште да учи, јас сум стар политичар. Политиката е меч со две острици, никој не е вечен. Штом Груевски не е таму мене не ми одговара да бидам таму“, вели Амди Бајрам – претседател на Сојузот на Ромите на Македонија

Со остра реакција се јави претседателот на Обединетата партија за еманципација на Ромите Неждет Мустафа кој исто така побара од премирот Заев да ја преиспита одлуката да му пружи рака на Амди Бајрам. Вели партиското раководство ќе одлучува дали ќе останат во владејачката коалиција. Мустафа најави и дека можно е партијата да го демонстрира незадоволството од одлуката на Заев со улични протести низ целата држава.