Македонија 17. мај 2020. / 10:17

Курти: За случувањата во Куманово потребна е независна меѓународна истрага

Курти: За случувањата во Куманово потребна е независна меѓународна истрага

Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти вели дека за настаните во Куманово од мај 2015 година, треба да се спроведе сеопфатна независна меѓународна истрага.

Прашан „дали е можно Косово да преговара за косовските граѓани кои се во затвор во Македонија“, Курти во емисијата „ДПТ“ на приштинската телевизија Т7, рече дека, според него, „тие луѓе немаат потреба од преговори меѓу двете влади, туку имаат потреба од еден истражен процес, кој ќе биде независен од самиот почеток“.

– Ние треба да разговараме со Владата на Северна Македонија, меѓутоа ние сме Влада во оставка, а и таму има техничка Влада. И таму и кај нас не очекуваат избори. За тој случај е потребна една таква независна истрага, за која и ние треба да го дадеме нашиот придонес, а посебно меѓународниот фактор, која ќе ја открие вистината и ќе воспостави правда, изјави Курти.

Тој изрази сомневање дека целиот настан, поради кој од македонскиот суд беа осудени 37 лица, повеќето од Косово, на казна од вкупно 746 години затвор, „бил наместен“ и дека се работело за „стапица“ во која упаднала групата Албанци.