Македонија 04. април 2020. / 18:37

Ковид 19: Предизвик или моќна алатка за профитерство?

Ковид 19: Предизвик или моќна алатка за профитерство?

Секоја непогода било да е предизвикана од природни или од човечки причини, пандемија, епидемија, поплави, земјотреси, економски кризи, итн. испраќа по некоја порака до човештвото.

пишува: Лилјана ЗАТУРОВСКА

И оние кои се помудри и попаметни знаат од секоја од нив да извлечат наравоучение и за секоја следна која би се случила во иднина да бидат и поспремни и поекипирани за да не дозволат повторно да бидат изненадени.

Така е и со овој случај на пандемија на корона вирусот, која со месеци се најавуваше дека сериозно ќе чукне на секоја порта, па и на нашата, се разбира како непоканет гостин.

А, ние онака како добри домаќини широко му ја отворивме портата не извлекувајќи поука од онаа народна поговорка дека:

„Непоканет гостин зад врата стои, бидејќи има лоши намери и не доаѓа со благослов, туку со намера нешто лошо да направи.“.
И така и бидна.

Министерот за здравство ни соопштува секојдневни вознемирувачки биланси, кои ни ја уриваат вчерашната надеж дека од утре се ќе оди на подобро, дека ќе се стабилизираме, дека ќе успееме да го надминеме ова зло.

И наместо да очекуваме НАДЕЖ или некоја сериозна мерка и стратегија за превенција и заштита на граѓаните и помош за да излезат од кризата, ние сме сведоци на серија несериозни чекори кои ги превзема Владата на СДС.

Но, за волја на вистината има нешто што е многу нехумано и нечесно, а тоа е можноста оние кои се на Власт да профитираат колку што е можно повеќе од маката на граѓаните.

Каков пристап ќе имаме кон успешно решавање на овој сериозен предизвик во нашата држава, зависи од два фактори:

1. Властите кои се повикани да превземат сериозни мерки за да се справат со предизвикот и заштита на граѓаните;
2. Свеста на граѓанинот за самиот себеси да се заштити од непогодата.

Дали КОВИД-19 ќе биде прифатен како сериозна закана или како моќна алатка во рацете на Власта на СДС?

Дали како во секоја држава, така и кај нас Властите нешто ќе превземат, да помогнат, да спречат и да дадат надеж дека имаме и сила и волја и капацитет да се справиме со ова зло?

И додека другите држави се борат својот народ максимално да го заштитат, нашиве ја избрале втората варијанта: ПРОФИТЕРСТВОТО!

Зошто? Одговорот е многу едноставен.

Бидејќи таква им е матрицата, така кажуваат нивните политики од минатото (да се потсетиме на мрачната транзиција) дека тие најдобро знаат да ловат во матно и ако немаше ваква ситуација тие би ја измислиле само да можат на најлесен начин да профитираат, посебно во една ситуација каква што беше кај нас, во екот на предвремени парламентарни избори.

И што имаме од мерките кои ги понуди СДСМ за заштита од КОВИД-19?

◦ Корона вирус во експанзија;
◦ Незаштитени компании и бизниси од КОВИД-19, кои од мерките на СДСМ масовно отпуштаат вработени и ги оставаат на милост и немилост по улици (се повторува мрачната транзиција и луѓе без работа);
◦ Економија во слободен пад до тотален крах;
◦ Главно начело на економските мерки на Владата на СДС – НАРОДОТ Е ОВЦА, ПА ШИШАЈ ДОДЕКА МОЖЕШ!!

“Блескаме“ – остана уште СДСМ танго да заигра со корона–кризата, за да заблеска и економијата!

И додека опозицијата и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ господинот Христијан Мицкоски уште пред да има ваква експанзија на вирусот подадоа рака, понудија и се уште нудат и мерки и човечки ресурси, политики и стратегии кои ќе доведат и до ублажување и справување со пандемијата, себичната и неспособна Влада на СДС не ја прифаќа подадената рака.
Зошто?

Затоа што ќе им се поматат сметките, не ќе можат да носат укази со сила на закон или мерки исклучиво насочени за нивни потреби и потребите на нивните бизниси.

Старите мудреци знаат да не подучат:
Прифатете ја подадената рака од луѓе кои умеат и знаат како треба, не е срамота да признаеш дека не знаеш, срамно е да ја искористуваш маката и потта на граѓаните за свои лични интереси.

И додека целиот свет се обединува во борбата против КОВИД-19 нашата себична Влада преку нивната купи-ден-помини политика, ја доведува во опасност животната средина и безбедноста на македонските граѓани. Уште повеќе го поларизира и така поделеното македонското општество, знаејќи дека тоа е единствената формула за владеење според СДСМ. Не смее да се дозволи тоа. Ни преостанува да се потпреме на сопствената свест и сами да се избориме со овие две зла.

Ние, македонските граѓани, остануваме да бидеме војската која со својата висока подготвеност, обединетост и трпеливост треба да извојуваме победа над КОВИД-19.

Како што Пушкин уште во 1827 година знаел да посочи:

“Се ќе замине и се ќе помине, да го повикаме на помош разумот, да ја победиме болеста со силата на знаењето и деновите на тежок испит. Да ги преживееме како едно семејство, ќе станеме почисти и помудри, непотклекнати пред мракот и стравот…”

Себичноста е лоша карактеристика со која ниедна криза не може да се преброди брзо и едноставно. Затоа треба сите да се обединиме и да ги тргнеме на страна личните интереси за да извојуваме победа над оваа сериозна закана по нашите животи!
ОСТАНИ ДОМА И СПАСИ ЖИВОТ!