Македонија,Регион 03. септември 2018. / 12:23

Косовското Собрание на вонредна седница за „корекцијата на границите“

Косовското Собрание на вонредна седница за „корекцијата на границите“

ретседателството на Собранието на Косово одлучи вонредната седница, свикана на барање на опозицијата за расправа во врска со дијалогот со Србија и иницијативата на косовскиот претседател Хашим Тачи за „корекција на границите“, да се одржи утре, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пратеникот на опозициската Социјалдемократска партија (ПСД) Дардан Сејдиу изјави дека очекува утре да се усвои резолуцијата со која ќе се забрани секому, па и на претседателот на државата, да преговара во врска со територијалниот интегритет на Косово. По ова, рече тој, дијалогот ќе се врати во Собранието.

На новинарите им се обрати и шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти, кој побара и од партиите од владејачката коалиција да ја поддржат резолуцијата.

Покрај опозициските партии, на намерите на Тачи да се договара со српскиот колега Александар Вучиќ за размена на територии, се спротивставуваат и две од трите албански партии во владејачката коалиција – Алијансата за иднината на Косово (ААК) на премиерот Рамуш Харадинај и Иницијативата за Косово (Нисма) на вицепремиерот Фатмир Лимај. Тачи има поддршка единствено од неговата некогашна партија, Демократската партија на Косово (ПДК), на чие чело сега е претседателот на Собранието Кадри Весели.

А српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ изјави дека се бара решение за косовското прашање и оти разграничувањето со Албанците е само една идеја, но и дека други идеи нема.

– Се бара компромис. Сега сме во таа фаза, но се поставува прашањето што е тоа компромис. Разграничувањето е една од идеите. Нема други идеи. Затоа во Приштина и во Белград има лавина отпор, изјави Дачиќ за ТВ Пинк.

Тој оцени дека со таа идеја незадоволни се и европските земји затоа што со тоа се покажува дека тие, сепак, пребрзо ја признале независноста на Косово и сега мора да ги преиспитаат своите одлуки.